ЗРП Богданци

Перманенетната загуба на растителниот диверзитет на глобално и локално ниво денеска е прифатена како непобитен факт и постои целосна согласност дека е потребна итна акција за спречување на таквиот растечки тренд. Во современите конзервациски практики во светот се смета дека најефикасна заштита на видовите се постигнува со заштитување на стаништата, односно териториите на кои тие видови живеат. 

Во однос на растенијата определувањето на Значајни растителни подрачја (ЗРП) е механизам прифатен на европско и светско ниво со кој се придонесува за заштита на растенијата кои се значајни заради нивната реткост и/или уникатност, заради прекумерното искористување или заради загрозеност од други причини, и тоа на глобално, регионално и локално ниво. 

Назначувањето на ЗРП може да биде прв чекор кон прогласување на заштитено подрачје или воведување поинаков начин на управување на подрачјето. 

По дефиниција, Значајните растителни подрачја (ЗРП) претставуваат најзначајни места во светот за диверзитетот на диворастечките растенија. На национално ниво, како ЗРП се определуваат (назначуваат) оние подрачја во една држава што се карактеризираат со присуство на значајни растителни видови или значајни станишта, а со тоа, преку националните системи за заштита на природата, се обезбедуваат услови за нивна ефикасна заштита. Идентификувањето на такви подрачја се врши според определени критериуми (критериуми кои се засноваат на глобално, регионално или локално значење на засегнати видови растенија и/или станишта).  

Спроведувањето ефикасна заштита и зачувување на популациите диворастечки видови растенија преку определување и назначување на Значајни растителни подрачја (Important Plant Area – IPA) започнала како иницијатива на британската организација Plantlife International. Иницијативата започнала најнапред во Велика Британија, потоа се проширила ширум целиот свет. 

Главната цел на програмата на значајните растителни подрачја е да се идентификуваат и заштитат приоритетните области за растенијата низ цела Европа, користејќи соодветни критериуми. Целите на програмата ги опфаќаат петте главни задачи на Европската стратегија за заштита на растенијата:

  • Толкување и документирање на растителниот диверзитет (растителната разновидност);
  • Заштита на растителниот диверзитет;
  • Одржливо користење на растителниот диверзитет;
  • Едукација на тема „Растителен диверзитет“;
  • Зајакнување на капацитетите за заштита на растителниот диверзитет.

Во текот на 2002 и 2003 година за прв пат се посочени 42 помали и поголеми подрачја од национално и меѓународно значење за растенијата. Паралелно направена е и првична проценка на заканите што го загрозуваат опстанокот на растителните видови и стаништата на тие подрачја. Едно од овие подрачја е ЗРП „Богданци“.

Значајно Растително Подрачје “Богданци”

Подрачјето се простира во југоисточниот дел на Македонија и административно припаѓа на територијата на општина Богданци и општина Дојран. Се протега на надморска височина од 100 до 507 m (главно од 150-300 m). Подрачјето целосно влегува во медитерански регион, а зафаќа прнарови шибјаци и во поамал обем отворени тревести површини со брдски пасишта. ЗРП „Богданци“ вклучува 8 вида од критериумот А, и тоа 1 од A(i), 1 од A(ii) и 6 од A(iv):

 

Поголемиот дел од земјиштето во прнаровите состоини е државно, а помал дел приватно. Главен тип на искористување на земјиштето е шумарство (без особена економска оправданоат) и во помала мера сточарството (зимски пасишта).

Закани:

  • Главна закана за овој регион е интринсичкиот фактор што произлегува од бавниот раст на прнарот и другите дрвенести видови заради генетските предиспозиции, но и заради сувите и жешки климатски услови (++);
  • Во помала мера се закануваат секторските активности во областа на шумарството (++) или земјоделството – сточарството (++);
  • Непланскиот урбан развој исто така може да биде закана (има тенденција на интанзивирање на заканата) (+).

*извор: Значајни растителни подрачја во Република Македонија; Македонско еколошко друштво (2010)

 

Меурест козинец (Astragalus physocalyx)

Astragalus physocalyx или Меурест козинец според критериум А има статус Ex/En (истребен/загрозен) односно глобално засегнат вид. Се наоѓа на листата на Строго заштитени диви видови во Македонија, на Глобалната црвена листа на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN Red list of Threatened Species), како и на првата Црвена листа на загрозени видови во С. Македонија.

Ова растение е од родот Astragalus кој е многу голем и опфаќа околу 3000 видови кои ѝ припаѓаат на големата фамилија растенија Fabacae, од кои на нас познати претставници ни се гравот, грашокот и леќата. 

Во Македонија расте само во близината на Богданци, додека на глобално ниво го има само на уште две места во светот.

Површина на распространетост на Меурестиот козинец е приближно 3 km² на надморска височина од 250-350 mNV на јужната, југоисточната и југозападната страна на падините на ридовите на отворени површини опкружени со прнар, благо еродирани.

Меурестиот козинец е повеќегодишно растение кое се размножува со помош на долгите подземни корења или со помош на семето. Најчесто се сретнува во групи од повеќе единки и цвета во рана пролет во периодот од април – јуни. Цветовите на Меурестиот козинец се со бледорозова боја со големина од 1,5 – 2,5 sm. Чашкините ливчиња се надуени и споени во форма на топчиња и во нив подоцна се развива плодот со семките. Неговиот плод како и на сите претставници на фамилијата Fabacae е мешунка.

ПОЛИМАТ 13 започнувајќи од 2016 година секоја пролет во месеците април и мај организира посети на локации каде што расте Меурестиот козинец. Одбрани се локации кои се наоѓаат на попристапен терен и каде што во наредниот период во рамките на проектот „Зачувување на ендемичните видови растенија во Македонија“ кој ПОЛИМАТ 13 го спроведува како локален партнер на Македонското еколошко друштво ќе биде уредена патеката на движење. 

Досега сме биле домаќини на здруженија на граѓани, образовни институции и локално население.

Адреса

Ул. Маршал Тито бр.64

1484, Богданци

Телефонски број

+38975216103

+38975393306

За повеќе информации контактирајте не: