Повик за студенти

Здружението за развој, едукација и еколошка етика – ПОЛИМАТ 13 во рамките на проектот „Градење на локалните капацитети за управување со Значајното растително подрачје Богданци (ЗРП Богданци)“ финансиран од Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF), распишува конкурс за учество на теренски активности за мониторинг во ЗРП Богданци со фокус на растението Astragalus physocalyx.

Цел на проектот е придонес кон подигнување на јавната свест за вредноста на биодиверзитетот во насока на негова заштита и одржливо управување.

Повикот се однесува на студенти по биологија и екологија од целата територија на Македонија. Може да се пријави еден или неколку студенти. Доколку се заинтересирани повеќе студенти, условот за да бидат сите вклучени во активноста е да работат заедно во тим.

Мониторингот на ова ретко растение се спроведува континуирано изминативе 3-4 години. Од минатата година Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија усвои нови протоколи за мониторинг на различни таксономски групи. Така што, мониторингот на меурестиот козинец би се спроведувал согласно тие протоколи. На студентот/студентите, Полимат 13 ќе им ги сподели протоколите, како и досегашните точки каде се пронајдени единки од Astragalus physocalyx. Мониторингот ќе се одвива од крај на февруари или почеток на март, до крај на јуни. Потребно е да се поминат сите точки каде е веќе регистрирано присуство на A. physocalyx. Можно е да се пронајдат и нови точки каде ќе има единки и истите ќе треба да се додадат кон картата од цело ЗРП „Богданци“, која го отсликува распространувањето на видот. На почеток на мониторингот, со студентот/студентите ќе има придружба од страна на претставници на Полимат13, кои се добро запознаени и со начинот на мониторинг и со подрачјето, преку досегашните проекти спроведени во соработка со Македонското еколошко друштво од Скопје.

Како краен продукт од теренската работа студентот ќе треба да изработи краток извештај, како резиме од резултатите добиени од пополнетите протоколи. Исто така, треба да напише и краток популарен текст како искуство од учеството во оваа активност (на англиски), кој ќе биде јавно објавен преку весникот на CEPF, веб страните на Полимат 13 и Македонското еколошко друштво.

Дополнително, не е исклучена можноста, истражувањата и резултатите собрани преку оваа активност студентот/студентите да го/ги употребат за изработка на нивни дипломски трудови.

Средствата наменети за оваа активност се во износ од 45 700 денари.

 

Ве очекуваме на заедничко теренско дружење меѓу прнарите!

 

ЗРП „Богданци“ се простира во југоисточниот дел на Македонија и административно припаѓа на територијата на општина Богданци и мал дел на општина Дојран. Се протега на надморска височина од 100 до 507 m (главно од 150-300 m). Ова е единствениот локалитет во Македонија каде вирее Astragalus physocalyx или меурест козинец. Се наоѓа на листата на строго заштитени диви видови во Македонија, на Глобалната Црвена листа на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN Red list of Threatened Species), како и на првата Црвена листа на загрозени видови во С. Македонија. Површина на распространетост на меурестиот козинец е приближно 3 km2 на надморска височина од 250 – 350 mNV на јужната, југоисточната и југозападната страна на падините на ридовите, на отворени површини опкружени со прнар.

За повеќе информации обратете се на:

Надица Маџирова, Проектен координатор

Контакт: 075/393-306, nadicamadzirova@gmail.com, info.polymath13@gmail.com

Веб: https://polymath13.mk/

Фото: Astragalus physocalyx. Богданци, 2020

Address

Marshal Tito 64

1484, Bogdanci

Phone number

+38975216103

+38975393306

Contact Us: